0

Поп Ацев:Ситуација која ги надминува нашите професионални планови

Победникот во Светската серија на Ултра маратони на ФИНА за 2019 и моментално најдобриот пливач во далечинско пливање во Македонија,го прашуваме за моменталната ситуација,одложувањето на Олимписките игри и што прави во слободно време.

SwimOn: Живееш во Велс,каде и што тренираш. Кажи ми каква е ситуацијата таму?

Евгениј: Моментално во Свонзи како и низ цел Велс се е затворено освен продавниците за храна и аптеките, движењето е ограничено на едно излегување за рекреација и купување на основни производи, забрането е собирање на повеќе од две особи и одење на гости , мора да се држи дистанца од два метри со секого освен со блиските со кои живееш и ред други рестрикции.

SwimOn: Како го поминуваш времето и дали се навикна на ситуацијата?

Евгениј:  Се трудам што повеќе да го поминам времето продуктивно иако во ваква ситуација тоа е доста тешко бидејќи ние како спортисти голем дел од денот тренираме на базен или теретана. Наутро рано одам на трчање околу 1 час и приквечер вежбам дома. Во меѓувреме ако мора до продавница одам и остатокот од денот сум со жена ми и ќерка ми дома или во двор што ми е и најубав и најголем дел од денот.

SwimOn: Што мислиш за одлуката на ИОК да ги одложи Олимписките Игри за 2021?

Евгениј: Мислам дека ИОК донесе правилна одлука бидејќи здравјето на спортистите, на тренерите и публиката е најважно и покрај тоа што ОИ се најважен спортски настан и многумина работат години и години за ова лето. Сметам дека и поголемиот дел од спортистите се согласуваат и покрај тоа што сите ние сме разочарани мислам дека немаше друг избор. Можеби ќе звучи чудно но е еден вид на олеснување за нас оваа одлука.

SwimOn: Што очекуваш од сезоната, со оглед дека сите поголеми натпревари се откажани или одложени?

Евгениј: Многу од натпреварите се откажани и ќе се фокусирам на тие натпревари што се одложени или што уште не се откажани. Сега за сега тоа е Европското Првенство во Будимпешта кое е презакажано за крај на Август и некои од трките во Светскиот Куп и Ултрамаратон Серија кои се подоцна во оваа сезона. Иако ништо не е сигурно јас ќе се фокусирам и тренирам ( колку е можно) за натпреварите кои се закажани сега за сега. Таков ни е пристапот и во клубот , дур не е откажан- тренираме за тој натпревар

SwimOn: Какви вежби правиш за да го задржиш тонусот на мускулите, сепак пливањето е специфичен спорт?

Евгениј: Се трудам колку е можно повеќе да ги симулирам вежбите од теретана во домашни услови, најчесто склекови , згибови , стомачни и вежби за рамо и флексибилност. Исто така со ластици и Васа машина се трудам да го симулирам пливањето, но бидејќи сум пливач на долги патеки за мене е многу битно да ја одржувам кондицијата така повеќе ставам акцент на трчањето за разлика од другите пливачи. Свесен сум дека мојата форма ќе опадне овој период но мора да се трудам што повеќе да го ублажам тој пад и да бидам поподготвен да се вратам на полните тренинзи кога ќе бидеме во можност да тренираме нормално како и порано.

SwimOn: Што би им препорачал на пливачите во овој период?

Евгениј: Оваа е ситуација каква ние како генерација се немаме соочено, ова е поголемо од сите наши професионални планови за оваа година. Затоа би им препорачал овој период повеќе да се посветат на своето здравје и благосостојба но и на другите, на блиските а посебно на тие што се од поранливите групи.


Jane Karajovanov

Роден на 11.08.1977 во Скопје,на 7 години почнува да тренира пливање во Пливачки и Ватерполо Клуб Вардар од Скопје кај својот прв тренер Зоран Димитров за после тоа да премине во понапредна група кај Миле Битраков.Од својата 15 година тренира кај проф.д-р Димитрија Поповски - Шкипер во АПК Студент од Скопје па се до крајот на својата кариера.Во текот на тоа време има настапи на 2 Светски првенство(2003 во Барселона и 2005 во Монтреал) и 2 Европски првенства(1999 во Истамбул и 2000 во Хелсинки) на трките од 25км.Во 2004 заврши на 9то место на Светската ранг листа на ФИНА во маратонско пливање. Државен првак во неколку базенски дисциплини и 1999 Државен првак во маратонско пливање. Дипломиран професор по Физичко образование на Факултетот за физичка култура при Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје и Магистер по Специјална едукација и рехабилитација на Институтот за дефектологија на Филозофвкиот факултет во Скопје. Главен трнер и основач на Пливачкиот и Ватерполо Клуб Орион од Скопје

Ostavite komentar

Vaša adresa e-pošte neće biti objavljena. Neophodna polja su označena *